Цела Струмица е на нозе, првпат во историјата градот може да добие финалист во Купот на Македонија.

Два пати во минатото големото финале од ова натпреварување се играше во нашиот град, но сега можеме да добиеме директен учесник во борбата за трофејот. Академија Пандев го пречекува Пелистер во реваншот од полуфиналето, а од првиот меч во Битола има негатива од еден гол (1-2).

Без победа сме во вториот дел од сезоната сметајќи ги и првенството и Купот, последниот триумф го остваривме на 29 ноември во реваншот против Тетекс на домашен терен, но денеска е денот кога лошата серија треба да запре. Пелистер веќе го победивме два пати оваа сезона, а еднаш одигравме нерешено, но сето тоа ќе биде бадијала ако не триумфирале денеска.

„Се подготвуваме нормално, како и за секој натпревар иако ова е полуфинале и има посебна тежина. Имаме мали проблеми со составот бидејќи нема да играат Сашко Пандев, Варелоски и Ганчев поради повреди, а неизвесен е Стоилов кој има настинка.

Знаеме дека не очекува тежок натпревар со тим кој исклучително добро игра во дефанзива. Пелистер има поискусен состав од нашиот, а нема проблеми како нашиот во однос на повредени или болни фудбалери.

И покрај се, 11 април очекувам да биде празник за фудбалот во Струмица, ден за вистински предизвик и мислам дека конечно ќе одиграме доволно добро и на резултат и ќе се пласираме во финалето што за нашиот млад тим би бил огромен успех”, изјави тренерот на Академија Пандев, Југослав Тренчовски.

Натпреварот меѓу Академија Пандев и Пелистер се игра денеска од 16 часот на стадионот Кукуш во Турново. Главен судија ќе биде Дејан Неделкоски од Скопје, а ќе му помагаат Гоце Петрески и Никола Караколев.