Академија Пандев денеска забележа нов пораз од актуелниот шампион Вардар, откако во Скопје, на арената „Филип Втори“, загубивме со 3:1.
По завршувањето на натпреварот, тренерот на нашата екипа, Панче Стојанов, ја честиташе победата на противникот, но истакна дека е задоволен од играта на нашите играчи.
„Најпрво сакам да го честитам триумфот на Вардар, кој беше сосема заслужен. На денешниот натпревар ни се повторија истите работи како и со другите, условно кажано за нас, големи екипи. Во натпреварот влеговме со доста респект кон противникот, но во продолжението од натпреварот се консолидиравме, мислам дека прикажавме добра игра, имавме некои шанси да успееме да дојдеме до реми, но на крајот Вардар сосема заслужено победи. До израз дојде нивниот индивидуален квалитет“, изјави Стојанов, кој ја објасни причината за тешката игра на почетокот од натпреварот.
„Првото полувреме го одигравме во грч, во вториот ние ја презедовме иницијативата. Во стартните 11 имавме осум играчи кои се под 21 година, некои од нив првпат играат на арената „Филип Втори“. Тремата е нормална, јас ги разбирам целосно. На полувремето се договоривме, видоа и самите дека може да играат против Вардар. Излеговме на теренот, Вардар не застана, туку ние ги притиснавме повеќе и се обидовме да играме малку понапред. Јас немам никаква замерка на моите играчи, бидејќи навистина одиграа добро, создадоа неколку шанси, но Вардар е сепак поквалитетен тим, далеку е од нас и сосема заслужено победи“.
Тренерот Панче Стојанов накратко ја анализираше и првата полусезона од нашиот деби настап во ПМФЛ, истакнувајќи дека е презадоволен од пласманот на екипата.
„Генерално јас сум презадоволен од нашите настапи од нашиот пласман на табелата по првата полусезона, но секако сум и разочаран од пропуштената шанса да освоиме повеќе бодови. Мислам дека ни избегаа шест до осум бода во последните минути на три-четири натпревари, каде примавме гол пред самиот крај. Сигурно дека требаше да имаме над 30 бодови, но пак ќе кажам дека сум презадоволен од тоа како се претстави Академија Пандев во првиот дел од првенството. Се надевам дека во вториот дел ќе бидеме уште подобри. Играчите ја согледаа силата на останатите екипи и знам дека во вториот дел ќе прикажат подобри игри за уште подобар пласман“.
Дали целта за Академија Пандев е излез во Европа?
„Не, не. Ние не се залетуваме со пласман во Европа, главна цел за нас е опстанок во Првата фудбалска лига на Македонија. Но, рековме на почетокот и често пати повторувам, ако ни се укаже шанса сигурно е дека ќе ја зграпчиме и со сите сили ќе настојуваме да излеземе во Европа. Сега сме блиску до Европа, но сме блиску и до опстанокот“, заклучи тренерот Панче Стојанов.