Академија Пандев се враќа од Битола со големи шанси за историски пласман во финалето од Купот на Македонија.
Иако поразени со 2-1, во реваншот против Пелистер во Струмица на 11 април ќе ни биде потребна само минимална победа за да се избориме за дуел за трофејот. Можеби можеме да жалиме затоа што имавме и водство на денешниот натпревар по голот на Јани Атанасов во 31. минута, но далеку од тоа дека е нешто загубено.
Пелистер успеа да израмни во 61. минута преку Маневски и потоа во последните моменти Илијовски постигна гол за победа.
Оваа сезона веќе два пати го победивме Пелистер во домашното првенство, а со истиот ривал се среќаваме и во претстојното коло на домашен терен. Еднаш славевме со 2-0 во Струмица и еднаш со 4-3 во Битола, па тоа ни дава надеж дека можеме да го победиме и да обезбедиме пласман во финалето.