Штета! Толку блиску до финалето, а сепак далеку…

Огромна шанса пропушти Академија Пандев да се пласира во првото историско финале за нас во Купот на Македонија.

Екипата на Академија Пандев успеа да направи голем пресврт против екипата на Пелистер во реваншот од полуфиналето на Купот на Македонија, се најде на чекор од финалето, но сепак на крајот во пенал серијата испушти огромна шанса да се пласира во големото финале.

Откако првото полувреме мина без голови, во второто полувреме Пелистер дојде до водство преку Марковски во 62 минута, по што изгледаше дека натпреварот е решен.

Во 73. минута Атанаскоски успеа да го израмни резултатот на 1:1, со што се влезе во мошне интересен период од натпреварот. Нашиот тим бараше уште еден погодок со цел да го анулира резултатот од првиот натпревар (2:1 во корист на Пелистер).

Погодокот дојде во 90. минута. Балдовалиев упати центаршут, а младиот Марио Крстовски ефектно со глава ја стресе мрежата на битолчани за 2:1, со што патникот во финалето мораше да се реши на пенали.

Во пенал серијата Академија Пандев имаше две меч топки кои не успеа да ги искористи, а сето тоа го казни Пелистер, кој на голот го имаше феноменалниот Петровски кој успеа ад одбрани пет казнени удари, а Ристе Маркоски го постигна голот вреден победа и финале за битолскиот клуб, за реприза на финалето од минатата година.