Реми на гостувањето против Ренова

Со еден освоен бод екипата на ФК Академија Пандев се враќа од госувањето во Тетово против екипата на Ренова. Иако по создадените шанси и прикажаната игра „пандевци“ заслужија победа против секогаш незгодната Ренова.

Двата гола паднаа во првото полувреме, најпрво по одличниот центаршут на Маневски, Стефан Костов го отвори резултатот за водство од 0-1. Следуваа уште неколку шанси за Академија Пандев да го зголеми водството, но при еден корнер на домашната екипа во шеснаесетникот најдобро се снајде Влатко Стојановски кој го совлада Чубраковиќ за израмнување на резултатот на 1-1.

Во вториот дел се играше отворено со неколку шанси и на двете страни, но резултатот остана непроменет. По оваа 16.коло, екипата на Академија Пандев останува на третата позиција на табелата со 26 бода. Веќе во среда следува уште едно гостување во Тетово, но сега против тимот на Шкендија.