Голема штета: Академија Пандев во последните секунди остана без победа

Екипата на Академија Пандев повторно испушти речиси сигурен триумф со што продолжува серијата без победа, иако на денешниот натпревар бевме подобриот тим.

Екипата на Академија Пандев никако не успева да излезе од серијата која не следи од 29. ноември минатата година кога ја забележавме последната победа и тоа против Тетекс во Купот на Македонија.

Академија Пандев денеска повторно испушти да забележи победа, откако екипата на Пелистер успеа да се спаси од пораз со гол во последните мигови од натпреварот и со тоа ја продолжи нашата серија на 10 натпревари без победа.

Двете екипи одиграа израмнето прво полувреме, нашата екипа беше за нијанса подобар противник, а по само неколку минути игра во вториот дел Мишев испрати центаршут, но Миленковски, кој се обиде да ја врати топката до својот голман, успеа да си постигне автогол со што Академија Пандев дојде во водство.

Со оглед на подобрата игра, ова водство беше и заслужено. Нашиот тим успеваше да ја одржи предноста, но едно мало невнимание не чинеше реми и речиси сигурна победа над Пелистер.  Битолчани, очекувано, направија мал притисок кон нашиот гол во финишот од мечот, а по една мешаница пред нашиот гол најдобро се снајде Ристевски кој ја затресе мрежата на Вујанац за реми и конечен резултат од 1:1.

Со ова реми нашата екипа останува на шестото место во ПМФЛ со 29 бода, исто колку и петтопласираниот Шкупи кој има и натпревар помалку.