Пораз на Академија Пандев за крај на сезоната во ПМФЛ

Екипата на Академија Пандев забележа пораз од 1:2 против екипата на Силекс на домашен терен.

Нашиот тим беше поразен од гостинот од Кратово со 1:2 на стадионот „Кукуш“ во Турново, па со пораз ја завршуваме нашата дебитантска сезона во Првата македонска фудбалска лига.

Академија Пандев својата прва сезона во елитата ќе ја заврши на шестото место со 42 освоени бода, 10 победи, 12 нерешени резултати и 14 порази. Со оглед на тоа дека наша главна цел беше опстанок во елитата, може да се каже дека имавме мошне задоволителна прва сезона во ПМФЛ.

Што се однесува до самиот натпревар, тој немаше никакво резултатско значење за нас, со оглед на тоа дека опстанокот беше одамна обезбеден, а шансите за излез во Европа ги загубивме пролетва. Од друга страна, на Силекс му беше потребен триумф во трката за Европа.

Гостите поведоа во 23. минута со голот на Бујчевски. По ова, нашиот тим заигра многу подобро и поактивно, но сепак на паузата се замина со негатива од 0:1.

Во второто полувреме, Силекс повторно притисна, а наградата за тоа дојде во 61. минута кога Благојевиќ од непосредна близина по еден корнер ја затресе мрежата на Истатов.

Во 85. минута Александар Мишов го постигна единствениот гол за нас на овој натпревар и ги постави конечните 1:2.