Од четвртото место тргнуваме кон Европа

По двомесечната пауза, утре продолжува Првата македонска фудбалска лига со натпреварите од 19. коло.

Академија Пандев почнува во Скопје каде гостува на екипата на Шкупи. Со оваа екипа ни се врзани убави спомени бидејќи во август токму против овој тим дебитиравме во Првата лига и го освоивме првиот бод. Во зимскиот период Шкупи се засили со голем број квалитетни фудбалери, дел сегашни и поранешни репрезентативци и сигурно нема да биде лесен залак.

Нашата екипа се соочува со проблеми пред продолжението од сезоната. Тренерот Панче Стојанов за натпреварот против Шкупи не може да смета на Вареловски, Миловановиќ и Дориев и тоа ќе биде голем хендикеп за Академија Пандев. Но, повредите се составен дел од фудбалот и тие ништо не менуваат во нашите амбиции. Како и секогаш, одиме на победа, а со тоа и кон зацврстување на позицијата на табелата.

Натпреварот меѓу Шкупи и Академија Пандев се игра утре од 14 часот на стадионот во Маџари.

Пролетниот дел од сезоната ќе биде мошне важен за Академија Пандев. Од четвртото место ќе се обидеме да избориме место во европските фудбалски купови, а ако не успееме, шансата ќе ја бараме преку Купот на Македонија каде изборивме место во полуфиналето.