Мишов и Матеничаров добија индивидуални признанија од ФФМ

Два члена на Академија Пандев се закитија со индивидуални награди на изборот на најдобрите што го организираше Фудбалската федерација на Македонија.

Првотимецот Александар Мишов е прогласен за најдобар стрелец во младинскиот фудбал, а Илија Матеничаров за фудбалски работник на годината. Двајцата лично ги примија признанијата кои доаѓаат како шлаг на одличната година за нашиот клуб.

„Особена чест ми е што ја добивам награда, но морам да кажам дека таа не би била во мои раце ако не беше фудбалскиот проект на најдобриот македонски играч Горан Пандев. Благодарност до ФФМ, до сите спортисти, но најголема до Горан за се што дава за развојот на фудбалот во нашата држава, сам, од сопствени средства”, рече Матеничаров при примањето на наградата.

Слично размислуваше и Мишов кој вторпат во низа го добива истото признание.

„Сакам да и се заблагодарам на ФФМ која втора година по ред ми ја доделува оваа награда, на стручниот штаб на Академија Пандев и на моите соиграчи. Но, најголемата благодарност оди кај најголемиот македонски фудбалер Горан Пандев”, изјави Мишов.