Академија Пандев ја започнува историската битка за финале во Купот на Македонија

Со денешниот натпревар во Битола, Академија Пандев ја започнува првата полуфинална фаза од националниот фудбалски Куп на Македонија.

Во борбата за големото финале, нашиот тим ќе се соочи со ланскиот освојувач на Купот, екипата на Пелистер.

Академија Пандев ќе атакува на своето прво и историско куп-финале и ќе се обиде да спречи ланска реприза на финалето од најмасовното фудбалско натпреварување кај нас.

За разлика од мечот помеѓу Шкендија и Ренова, дуелот помеѓу Академија Пандев и Пелистер се очекува да биде далеку понеизвесен, со многу возбудувања и борба на двете екипи, па најверојатно патникот ќе се решава на вториот, реванш натпревар.

Оваа сезона со Пелистер одигравме два натпревари, а на двата меча како подобар противник се покажа нашиот тим кој славеше со 3:4 на гостински терен и со 2:0 дома.

По фантастичната есенска полусезона, нашиот тим игра под очекувањата, а тоа резултираше со смена на тренерското столче. Сега предводник на нашата екипа е досегашниот спортски директор Југослав Тренчовски, кој втор натпревар ќе биде во улога на шеф на стручниот штаб. Да се надеваме дека токму полуфиналето во Купот на Македонија ќе биде пресвртница за нас во втората полусезона и ќе успееме одново да испишеме историја.