Академија Пандев со шанса за прва пролетна победа против препороденото Скопје

Екипата на Академија Пандев, на хартија, ќе има голема шанса за да ја оствари првата пролетна победа во Првата македонска фудбалска лига.

Нашиот тим денеска гостува во главниот град кај екипата на Скопје. Иако станува збор за последнопласиран тим на табелата во ПМФЛ, нашиот денешен домаќин игра како препороден во пролетниот дел од сезоната, спротивно на нашиот тим, кој се уште се мачи да ја забележи првата победа во оваа фаза од шампионатот.

Ако се следи традицијата, таа е на наша страна, ако се гледаат натпреварите од Првата македонска фудбалска лига. Во трите досегашни пресметки Академија Пандев има една победа (2:0) и два меча завршиле без победник (0:0; 1:1), но тоа нема да игра никаква улога на теренот денеска.

Во пресрет на овој меч, Академија Пандев се наоѓа на седмото место на табелата со шест бода повеќе од Победа која моментално ја држи позицијата која води во баражот за опстанок. Јасно е дека ни е потребна победа со цел да избегнеме непријатности во самиот финиш од сезоната. Од друга страна, нашиот денешен противник е последнопласиран на табелата, но со ист број бодови како Пелистер, односно бод помалку од Победа.

Натпреварот се игра со почеток од 16:00 часот.