Академија Пандев ремизираше со Ренова

Екипата на Академија Пандев ремизираше денеска со Ренова на домашен терен на стадионот „Кукуш“ во Турново.

Нашата екипа испушти победа против тетовскиот состав, откако Зоран Балдовалиев не доведе во водство со гол од пенал во 24. минута. Сепак, пред крајот на првото полувреме, Гафури со прекрасен гол донесе израмнување за гостите од Тетово и ги постави конечните 1:1.

Нашите фудбалери одиграа речиси перфектно прво полувреме во кое доминираа, но сепак за жал со погодокот на Гафури, Ренова успеа да го израмни резултатот, а до крајот на мечот и да одолее на нашите напади и да освои бод.

Во второто полувреме немаше атрактивен фудбал, двете екипи беа претпазливи и калкулираа со цел да не направат грешка, а првата сериозна шанса ја имаше нашиот тим преку Марков во 63. минута, но неговиот удар заврши во телото на гостинскиот голман. Капитенот Сашко Пандев исто така се закани преку слободен удар, но Кобетиќ го скроти неговиот удар.

Со ова реми продолжува серијата без победи за нашиот тим која сега се продолжи на седум меча, поради што паднавме на 6. место на табелата во Првата македонска фудбалска лига.