Академија Пандев по пресврт загуби од Вардар

Екипата на Академија Пандев загуби со 3:2 во претпоследниот натпревар од сезоната на гостувањето кај екипата на Вардар.

Вардар беше тимот кој ја имаше топката во свој посед, но одлично поставената одбрана на нашиот тим ги оневозможуваше лесно да креираат шанси со кои ќе го загрозат нашиот гол.

Првото полувреме беше мирно и се одигра во бавен ритам, а обидите воглавно беа од далечина за двете екипи. Јани Атанасов прв се закани со удар од далечина, а Вардар возврати преку Исени.

Сепак, во последната минута од првото полувреме, по еден наш корнер од левата страна, одбраната на Вардар не успеа да ја расчисти опасноста, па капитенот Сашко Пандев од само неколку метри без проблеми го матираше голманот Илиќ за водство на Академија Пандев од 0:1.

Во второто полувреме Вардар тргна по израмнување, а грешката на нашата одбрана не чинеше скапо. Дефанзивците лошо се поставија при офсајд замката, па Барсегјан проби по десната страна и го проигра Максимов кој го совлада Истатов за 1:1 во 50. минута.

15 минути подоцна, Барсегјан повторно ни направи проблеми по десната страна, Атанаскоски не успеа да го запре, а Ерменецот стрелаше за 2:1.

Сепак, тренерот Југослав Тренчовски направи промени во составот, па Марков по една грешка на одбраната на Вардар, го матираше Илиќ за 2:2 во 78. минута.

За жал, концентрацијата во одбраната на нашиот тим не беше на високо ниво, па Вардар во 88. минута дојде до победа. Повторно Барсегјан беше кобен за нашиот тим, овојпат асистирајќи му повторно на Максимов кој ги постави конечните 3:2.